Северна Рајна – Вестфалија е наша земја партнер на патот кон членството во ЕУ од 2021 год. Оттогаш, различни проекти ја зајакнуваат соработката, меѓу кои се наоѓа и најновиот проект кој иницира збратимување и размена на општинско ниво. Овој проект опфаќа теми поврзани со енергетска ефикасност, управување со отпад, одржлив рурален развој, туризам, заштита на животната средина, размена на млади, промоција на локални бизниси и сл.
Општина Демир Капија се најде во првичната селекција на неколкуте избрани македонски општини и сме особено горди на тој успех. Во рамки на проектот досега беа одржани две виртуелни средби со експертска размена помеѓу општините од двете земји, но имавме можност да учествуваме и во студиско патување во Северна Рајна – Вестфалија, каде лично се запознавме со колегите од потенцијалната општина партнер на Демир Капија, општината Königswinter (г-дин Oliver Bremm и г-дин Florian Striewe), посетивме прескрасни локации (Замокот Drachenburg, музејот Arp со железничката станица Rolandseck, првиот органски производител на вино во Северна Рајна – Вестфалија и сл.) и директно се запознавме со позитивните примери кои ги применуваат во нивната општина за развој на туризмот.
Дополнително остваривме средба и со колеги од општината Krefeld каде разговаравме за дигитализација на градот, зелена транформација и старт-ап програми за млади.
Во склоп на програмата, особена чест и задоволство беше приемот кај Државниот секретар за Федерални и Европски прашања, Меѓународни работи и Медиуми на Покраината Северна Рајна – Вестфалија, г-дин Mark Speich, кој несебично ја изрази својата благодарност и поддршка за оваа иницијатива.
Патувањето заврши со работилница на која својата поддршка ја даде и Почесниот конзул на Република Северна Македонија, г-дин Holger-Michael Arndt.
Проектот е имплементиран од страна на Агенцијата за услуги – Заедници во еден свет (SKEW – Service Agency Communities in One World) преку Engagement Global, во име на Покраината Северна Рајна – Вестфалија и Федералното Министерство за економска соработка и развој. Оваа агенција функционира во Германија уште од 2001 година, а едно од централните полиња на активност им е поддршката на општинските размени и партнерства. Тие се залагаат за еднаков дијалог, трансфер на знаење и промена на перспективата, а работејќи на Агендата 2030, на многу општински партнери им даваат нова и долгогодишна основа ориентирана кон иднината. Преку нивната поддршка многу нови партнерства се обидуваат да придонесат и да ја прошират својата општинска експертиза на меѓународно ниво.
Упатуваме огромна благодарност за одличното гостопримство (особено кон г-ѓа Karoline Caesar и г-ѓа Antje Tumbusch), како и за можноста и привилегијата да бидеме дел од овој голем и значаен проект. Се надеваме дека ќе успееме заеднички да оствариме бројни успешни проекти во полза на двете земји